Лидерката на грузиската опозициска партија „Дроа“, Елена Хоштарија, започна штрајк со глад пред зградата на парламентот во Тбилиси, наведувајќи дека нејзиниот потег е насочен против „репресијата на сегашните грузиски власти“.
„Нелегитимните власти контролирани од Москва продолжуваат да апсат опозициски политичари, а ние ќе ја продолжиме борбата против овој режим до победничкиот крај“, изјави Хоштарија, која го започна штрајкот со глад претходната вечер.
Таа веќе штрајкуваше со глад 17 дена во ноември 2021 година, во знак на солидарност со затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили.
Уште четворица опозициски активисти денеска ѝ се придружија на Хоштарија во штрајкот со глад.
Поранешната претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, ги покани сите поддржувачи на опозицијата утре да одржат протестен митинг против сегашните власти пред зградата на грузискиот Парламент, пренесе МИА.