По вториот ден непрекинати протести против спорните избори во Грузија, полицијата насилно ги растера демонстрантите во мугрите на 19 ноември.
Мирните демонстранти, од кои многумина студенти, ја окупираа првата зграда на Државниот универзитет во Тбилиси и областа Варазискеви, каде што кампуваа во шатори 48 часа. Полициското растурање започна во раните утрински часови на 19 ноември, со некои видео снимки на кои се гледа како полицијата влегува во градината на зградата на универзитетот пред да започне растурањето. Областа, наводно, била затворена од администрацијата на Универзитетот, а студентите не можеле да влезат, пренесува Цивил од Грузија.
Многу од демонстрантите беа физички нападнати, а најмалку 11 беа уапсени, меѓу кои и снимателот на ТВ Мтавари, Серги Барамиџе, кој беше ослободен неколку часа подоцна. Гурам Мурадов од Civil.ge сними моменти од растурањето на протестот и од самиот протест.
Како што пренесува РФЕ/РЛ Грузија, стотици грузиски полицајци втора ноќ по ред ги принудија демонстрантите да ја напуштат областа во близина на Државниот универзитет во Тбилиси каде што протестираа против резултатите од минатомесечните парламентарни избори и повикуваа на повторување на гласањето.
За разлика од претходниот ден, немаше судири рано утрото на 20 ноември, бидејќи демонстрантите се повлекоа од напредните полициски сили и ја напуштија областа на универзитетот, движејќи се кон блиската авенија Меликишвили во центарот на Тбилиси.
Лидерите на протестот тогаш најавија дека привремено ја прекинуваат акцијата за да изработат нов план.
„Мораме некако да репланираме и да размислуваме за нешто поинакво, а не исто како она што го правевме овде“, им рече на демонстрантите Зураб Јапаридзе, еден од водачите на движењето Коалиција за промени.
На 19 ноември, грузиската полиција насилно ги растера неколкудневните протести на универзитетот, приведувајќи најмалку 16 лица и соборувајќи ги шаторите каде демонстрантите се засолниле од студот во текот на ноќта.
Драган Мишев