Министерот за одбрана Пит Хегсет му нареди на секретарот на морнарицата да го преименува нафтениот брод USNS Харви Милк, пренесува Си-ен-ен според официјален претставник на одбраната.
Бродот, кој беше пуштен во употреба во 2021 година и именуван по активистот за геј права и ветеран од морнарицата, Харви Милк, кој беше принуден да поднесе оставка од силите поради неговата сексуална ориентација, треба официјално да биде преименуван подоцна овој месец, рече официјален претставник.
Не е јасно какво ќе биде новото име, но времето е значајно со оглед на тоа што јуни е Месец на гордоста.
Military.com првпат објави за очекуваната промена на името.
Канцеларијата на секретарот за одбрана не одговори на барањето за коментар.
Ретко е брод да биде преименуван, а тоа не се случило по наредба на секретар за одбрана во поново време.
Последниот пат кога брод беше преименуван во 2023 година, потегот беше базиран на препорака на конгресна комисија формирана за преглед на имињата низ целата војска со врски со Конфедерацијата. Како резултат на студијата, Морнарицата одлучи да ги преименува крстосувачот USS Chancellorsville и истражувачкиот брод USNS Maury.
Овој потег е во согласност со фокусот на Хегсет на повторно воспоставување „култура на воини“ низ целата војска, што тој главно се обиде да го направи со елиминирање на програмите и содржините за разновидност, еднаквост и вклучување низ Министерството за одбрана и наоѓање креативни начини за враќање на воените бази на нивните оригинални имиња поврзани со Конфедерацијата.
М. Д.