Генералниот секретар на движењето БЕСА, Аријанит Хоџа, вчера изјави дека „ниту имало ниту ќе има преговори меѓу нивната партија и ВМРО ДПМНЕ“., децидно негирајќи го Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ кој одговори со „можеби“ на прашањето дали партијата преговара за коалиција со БЕСА.
„Одговорот не може да биде можеби или не, или има или нема преговори. Јас можам да истакнам со целосна одговорност дека нема предизборни преговори меѓу движењето БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека во оваа фаза и со оваа реторика која ја има изразено ВМРО е несериозен таквиот пристап, објавувањето на веста или спинот. Јас тука јавно кажувам, ниту имало преговори, ниту пак има преговори“, рече Хоџа.
Мицкоски денеска на прес-конференција се обиде да ги предупреди БЕСА повикувајќи се на односот на БЕСА и СДСМ во 2016 година. Мицкоски, сепак, остана на „можеби“ за предизборно коалицирање со БЕСА овој пат алудирајќи на честа и честитоста на БЕСА.
Хоџа пак, уште вчера ги потсети ВМРО-ДПМНЕ дека дала шанса да го променат пристапот кон Албанците, но дека од оваа партија пред распуштање на Парламентот барале да се тргнат од дневен ред измените на Законот за личните карти согласно договорот на БЕСА со Владата за етничката графа во личните карти.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека очекува за првпат да направат предизборна коалиција со партии од албанскиот блок.
П. К.