Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија идната недела треба да се состанат со цел да го договорат терминот на одржување на втората меѓувладина конференција на која треба да биде усвоен Акцискиот план, најави вчера премиерот Зоран Заев.
Акцискиот план за соработка со Бугарија со размена на идеите е дефиниран од двете земји. Заев изрази уверување дека негово усвојување и имплеметација ќе помогне во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања со Софија.
– Очекувам веројатно следната недела или многу брзо да се оствари средбата помеѓу нашиот министер Османи и министерката Захариева за да ја договорат првата меѓувладина конференција, заради тоа што овде немаме ништо спорно согласно Акцискиот план за соработка кој што е дефиниран од нашите и од бугарските идеи кои што стигнаа до нас. Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората Меѓувладината конференција, првата се одржа 2019, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Северна Македонија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро, рече Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање на прес – конференција во Владата по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.
Акцискиот, односно секторскиот план, треба да биде утврден на меѓувладината конференција предводена од Османи и Захариева. Штом ќе биде утврден, како што нагласи, ќе дојде како записник на владите на двете земји да го усвојат и веднаш ќе се стратува со негова операционализација.
– Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на можно, конкретно, широко позитивно поставување на агенда, која што за двете земји ќе покаже дека работат заеднички, дека практично оваа соработка ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да можеме да ја одржиме првата конференција за пристапување. Јас сум убедена дека тоа ќе успее, како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи, рече германската амбасадорка Холштајн на заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Заев по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.
Акцискиот план е резултат на претходно разменетите идеи меѓу Скопје и Софија и содржи проекти од областа на образованието, културата, инфраструктурата, спортот со цел враќање на довербата меѓу двете земји и побрзо спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.