Како резултат на бројните случаи на труење на уличните кучиња во Велес, за кои имаше информации на социјалните мрежи, преку текстови, фотографии и видео снимки, активистите на велешкото здружение за заштита на животните „Гласот на животните“ од Велес, се обидуваат да ги заштитат гладните кучиња да не станат жртви на фрлената храна со отров.
Во недела, на 1 октомври, со почеток од 12 часот, пред интернатот во Велес, здружението организира масовен протест. Според активистите, отровите се фрлаат на јавни места, во паркови, и во дворови на училишта, но не само во Велес, туку насекаде низ Македонија, со што се загрозени и луѓето, пред сè, децата.
„Откако постоиме како здружение, а и претходно, постојано се случуваат труења, особено пред фестивали и настани, како ‘Питијадата’, на пример“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа од здружението „Глас за животните“. Тие потенцираат дека само можат само да претпоставуваат кој би можел да стои зад труењата: „Но, факт е дека секој би можел да отиде во земјоделска аптека и да купи ‘Ланате“, или друг отров. Затоа е потребно институциите да реагираат“.
„Речиси сите труења на кои сме биле сведоци, се пријавени од наша страна, неретко полицијата не сакаше да излезе на терен, а кога излегуваше, сè се завршуваше само со записник од нивна страна, друга реакција по ова прашање нема од страна на институциите… Ние можеме да продолжиме со нашата работа како и досега, можеме да протестираме, да вршиме притисок да правиме сè што е во наша моќ, но не можеме да ги спречиме труењата, тоа го можат само институциите и затоа и бараме да реагираат“, децидни се од здружението.
„Бараме институциите конечно да започнат да дејствуваат и во соработка со нас, конечно да го решиме проблемот хумано и на долги патеки!“, порачаа во изјавата за ЦИВИЛ Медиа, активистите од Велес.