Опозициските партии во Словенија поднесоа интерпелација за министерот за економија Здравко Почивалшек, поради, како што наведоа, контраверзната набавка на респиратори и медицинска заштитна опрема.
Претставниците на четирите најголеми опозициски парламентарни партии на прес-конференција кажаа дека интерпелацијата е поради лошото работење на министерот и можната систематска корупција во неговиот ресор.
– Се работи за купување опрема со цел да се „нахранат” пријателите на власта од приватниот сектор и тоа на сметка на граѓаните и државниот буџет. За тоа одговорност мора да има, изјави Миха Кордиш од партијата Левица.
Медиумите во Словенија пред околу една недела објавија документи, со кои, според нив, се отвора голем сомнеж за корупција при набавката на респиратори и заштитна опрема на словенечките болници.
Лекарски конзилиум од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана објави дека респираторите кои државата ги платила милиони не ги исполнуваат бараните стандарди и како такви воопшто не се употребуваат, односно завршиле директно во магацините.











			
