Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, односно противници на раководењето на Христијан Мицкоски со партијата, како и неговите политики денеска го повика претседателот на партијата да се појави на 17-от Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што го свика иницијативата за промени. Истовремено го повикаа да објасни дали навистина обезбедил парламентарно мнозинство. Тие, исто така, му порачаа на Мицкоски дека партијата има обврска да ги врати загубените 150.000 гласови што „испариле“ од изборите во 2016 до изборите во 2020 година.
„Без сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе продолжи да се чувствува комотно, а нејзината неодговорност ќе оди на штета на сите граѓани и државата. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде пример како се работи отчетно и одговорно. Тој пример треба да го покаже сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски со појавување пред делегатите на вонредниот конгрес закажан за 28 март во Скопје. Неговото одбивање да се соочи со сопартијците кои му ја дадоа довербата на вонредниот конгрес во Валандово, може да биде оправдување за секое идно неодговорно однесување на власта“, велат противниците на Мицкоски.
Од иницијативниот одбор за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, составен од поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ велат дека доставиле до собранието на РСМ документ со потписи во кој тие го искажуваат својот став за случувањата на темата „вонреден конгрес“. Пратениците од најголемата опозициска партија упатија препорака целосно да се почитуваат статутарните одредби, напоменувајќи дека се залагаат да се почитуваат надлежностите на Централниот Комитет, Извршниот Комитет, Конгресот и другите партиски органи, без да се дозволи нивна злоупотреба од страна на било кои поединци или групи.
Незадоволството од политиките на актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е причината поради која е свикан вонредниот Конгрес. Од иницијативниот одбор велат дека Мицкоски е изолиран поради фактот што наместо отчет пред оние кои го избрале, тој возвраќал со навреди, претставувајќи срам за секој член и поддржувач на партијата.
Поради фактот дека ВМРО-ДПМНЕ нема време да губи нови изборни циклуси, побарана е одговорност од Мицкоски и затоа партијата мора да се сплоти на 17-от вонреден конгрес кој ќе се одржи на 28 март во Скопје.