Иран предупреди дека ќе ги засили своите нуклеарни активности откако одборот на гувернери од 35 члена на нуклеарното надзорно тело на Обединетите нации усвои резолуција во четвртокот со која се прогласува дека ги прекршил своите обврски за неширење, објави Си-ен-ен.
Техеран возврати со објавување на лансирање на нов центар за збогатување на ураниум и инсталација на напредни центрифуги – ескалациски потег што веројатно ќе ги комплицира нуклеарните разговори со Соединетите Американски Држави што треба да продолжат овој викенд.
Земјите што присуствуваа на состанокот на одборот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена гласаа за резолуцијата, со 19 „за“, 3 „против“ и 11 „воздржани“, објави Ројтерс.
МААЕ претходно го обвини Иран за несоработка, но потегот од четвртокот претставува официјален наод за непочитување и ја зголемува можноста за ескалација на проблемот пред Советот за безбедност на ОН.
Резолуцијата беше поднесена од европските земји и САД откако извештајот на МААЕ од 31 мај покажа дека Иран не ги почитува своите нуклеарни обврски, вклучително и тоа што не одговорил на прашањата за честичките ураниум пронајдени на непријавени локации во земјата и складирал ураниум збогатен речиси до степен на оружје. Иран вели дека извештајот на МААЕ бил политизиран.
М. Д.