Украина предаде руски воен заробеник на Литванија за кривично гонење за воени злосторства, изјави генералниот обвинител Руслан Кравченко на 31 октомври, пренесува Кијив Индипендент.
Ова е прв пат од почетокот на целосната инвазија на Русија Украина да предаде руски заробеник на странска земја за кривично гонење, поставувајќи го она што Кравченко го нарече „историски и важен преседан за целиот меѓународен правосуден систем“.
Окружниот суд во Вилнус, на барање на литванската обвинителска канцеларија на 30 октомври, го притвори осомничениот руски војник во тримесечен притвор.
Осомничениот бил висок морнар во руската воена полиција, кој бил заробен од украинските сили во близина на селото Роботјне во југоисточната Запорошка област на Украина.
Човекот е осомничен дека бил вмешан во тортурата на цивили во Мелитопол.
Една од неговите жртви бил литвански државјанин кој бил во градот, кој е под руска окупација од март 2022 година, по приватен бизнис и немал никаква врска со воените операции.
Истрагата покажа дека осомничениот бил вмешан во незаконско притворање, тортура и нехуман третман на цивили и воени затвореници. Тортурата се случила на територијата на локален аеродром.
Заедно со други руски војници, тој ги тепал затворениците, ги мачел со електрошокови, ги чувал во метални сефови, ги давел и вршел психолошки притисок врз нив, соопшти Националната полиција.
Рускиот војник е обвинет во Литванија за воени злосторства, тортура, незаконско лишување од слобода и кршење на Женевските конвенции.
„За она што го сторил, може да заврши во доживотен затвор“, напиша Кравченко на Телеграм.
Д. Мишев












