Министерството за економија на Италија соопштува дека годинава ќе издаде монета од две евра посветена на лекарите, медицинските сестри и здравствениот персонал кои се соочија со пандемијата на коронавирусот во болниците ширум земјата.
Монетата, која ќе биде законско средство за плаќање и од која ќе бидат исковани три милиони парчиња (во вредност од шест милиони евра), е украсена со фигури на маж и жена, кои ги претставуваат здравствените работници.
На монетите ќе биде изгравиран зборот „GRAZIE“, и ќе бидат изгравирани и иницијалите на авторот на скицата, Италијанката Клаудија Момони.
На овој начин, италијанското Министерство за економија сака да им се заблагодари на медицинските работници за напорите што ги вложија од почетокот на пандемијата, која веќе однесе животи на повеќе од 85.000 луѓе во земјата, и на повеќе од триста здравствени работници.