55 членови на Европскиот парламент од 19 земји-членки на ЕУ го повикаа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, веднаш да ги унапреди преговорите за пристапување на Молдавија во ЕУ, објави потпретседателот на Европскиот парламент, Виктор Негреску на Фејсбук.
„Тоа е силен политички сигнал: Европскиот парламент безрезервно ја поддржува европската иднина на Република Молдавија, ги признава постигнатите реформи и бара опцијата на молдавските граѓани, изразена со резултатот од парламентарните избори, да се искористи и почитува“, напиша Негреску во објавата.
Европратениците напишаа дека неодамнешните слободни и фер избори во Молдавија ја потврдија јасната желба на народот да се интегрира во ЕУ, и покрај „надворешниот притисок и кампањите за дезинформации“.
Во писмото се повикува Кошта без одложување да ги стави преговорите на Молдавија со ЕУ на агендата на Советот.
„Европската унија мора да дејствува сега за да ја покаже својата поддршка за демократијата, отпорноста и европските амбиции на граѓаните на Република Молдавија“, напишаа европратениците.
Молдавската проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС), поддржана од претседателката Маја Санду, неодамна победи на парламентарните избори во земјата, во услови на растечка загриженост за потенцијално руско мешање.
ПАС обезбеди нешто повеќе од 50% од гласовите, потврдувајќи ја јавната поддршка за напорите на Санду кон европска интеграција, додека опозицискиот Патриотски изборен блок, предводен од прорускиот поранешен претседател Игор Додон, се најде на второто место со 24,19% од гласовите.
Д. Мишев