Новинарот Зоран Иванов на дебатата организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода, по вториот круг од претседателските избори, изјави дека по првиот круг од претседателските избори констатирал дека резултатот на ВМРО-ДПМНЕ е практично слабиот резултат на СДСМ, бидејќи, според него, во тој краток период од преземање на власта, па до овие избори, СДСМ не испорача многу очекувања на граѓаните и поради тоа многу од нив останаа дома.
„Направија вонредни напори, си ја признаа грешката, ги мотивираа, партијата и воопшто коалицијата, да излезат луѓето, со ветување дека ќе заигра „метла“ и тоа кај луѓето донесе надеж дека сепак реформските процеси и сите други околности во редот на кадровската политика ќе видат некои поспособни луѓе на разни места, каде се трошат државните пари, каде буџетот функционира, во разни фондови, агенции, не зборувам само за Владата и министерствата. Тоа е мотивот што мислам дека луѓето ги извади од дома во поголем број, а вториот е што македонското општество се граѓанизира, за разлика од тоа етнизирање, во смисла дека ја покажа таа прозападна или проевропска ориентација и тие луѓе имаа мотив да не го остават тој процес рискантен, да пропадне“, вели Иванов.
Иванов додаде дека гледано аналитички и политички на овој изборен процес, заклучно со вториот круг, на крајот сите се победници, но дека е поразена само кандидатката Гордана Силјановска Давкова.
„Во една смисла, победник е власта, СДСМ во коалиција со ДУИ, кои сепак успеаја 2-3% повеќе луѓе да извлечат, вклучително и од албанскиот електорат. Можеби беа малку попасивни Алијанската на Албанците и Беса, во однос на првиот круг, но факт е дека и ВМРО-ДПМНЕ знаеше од почеток дека Силјановска нема шанси да стане претседател, но им требаше некој таков непартиски кадар на тоа ниско ниво на партијата да повлече за да може Мицкоски и новото водство на ВМРО-ДПМНЕ да покаже раст. И навистина покажаа, во однос на локалните избори, кога доживеа дебакл, сега ако имаат 30 или 40 илјади гласови повеќе, тоа е уште една надеж и понатаму да провоцираат за парламентарни избори, ако не вонредни барем на редовните да анимираат гласачко тело. Но, тезите што ги тераат од „груевизмот“ сега „заевизам“ не им држат, луѓето ги препознаваат тие лаги“, додаде Иванов.
„ЦИВИЛ и другите набљудувачи завршија огромна работа. Тоа што Џабир Дерала сега го констатираше за неправилностите, мене како граѓанин ме радува што главно се детектираат институционални неправилности. И по првиот круг со жалење констатирав дека и новинарите и медиумите извештаите ги почнуваа со тоа дека изборите течат мирно, дека нема инциденти… Ние сме толку исплашени кога ќе слушнеме за избори, помислуваме дека треба да има тепачка, навикнати сме на тоа… Ова можеби не се скандинавски или европски, но факт е дека потфрлија инситуциите, а не граѓаните“, додаде Иванов.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети