Повеќе од 78 милиони избирачи веќе гласале во 47 држави и во Дистриктот Колумбија, според податоците што ги собрале Си-Ен-Ен, Edison Research и Catalist, компанија која обезбедува податоци, аналитика и други услуги на демократите, академиците и непрофитните групи за застапување, вклучително и увид за тоа кој гласа пред ноември, пренесува МИА.
Властите во главниот град на САД предупредија дека очекуваат „нестабилна и непредвидлива безбедносна ситуација“ во деновите и неделите околу изборите и не веруваат дека победникот ќе биде објавен на денот на гласањето. Безбедносни барикади, табли на излозите и видливо полициско присуство – главниот град на САД се подготви за претседателските избори, стравувајќи од повторување на насилството што го погоди Вашингтон пред четири години.
ФБИ, исто така, ги засили безбедносните напори пред денот на изборите. Агенцијата вчера соопшти дека работи 24 часа на националниот изборен команден пункт кој ќе работи најмалку до 9 ноември.
Директорката на американската Агенција за кибер и инфраструктурна безбедност (CISA) Џен Истерли, пак, вчера изјави дека нејзиниот оддел нема докази за каква било активност што може директно да влијае врз исходот на изборите, и покрај поплавата од дезинформации. Таа додаде дека изборите во 2024 година се обележани со „невиден број на дезинформации“ од странски противници. Американските агенции предупредија дека Русија и другите актери имаат намера да шират приказни за поделби пред изборите, обвинение што Русија го негираше.
Околу 240 милиони луѓе имаат право да гласаат на изборите, кои исто така ќе одлучуваат за составот на двата дома на Конгресот: Претставничкиот дом и Сенатот. Која партија ги контролира нив ќе има големо влијание врз агендата на политиката на идниот претседател.
Претседателските избори во САД имаат огромно влијание на глобално ниво, со тоа што Соединетите Држави играат клучна улога кога станува збор за меѓународните жаришта како Украина, Блискиот Исток и Тајван, како и во влијателни тела како што е воената алијанса на НАТО, пишува МИА.