Во интервју за весникот „Вечер“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека вонредната состојба се донела поради економските мерки, кои се за помош за граѓаните и стопанството.
„Владата не гледа потреба да носи четврти пакет на економски мерки затоа што до есен ќе се реализира третиот пакет на економски мерки кој е веќе донесен“, вели Заев.
Според него, нема никакви причини Владата да бара нова вонредна состојба и дека нема ни основ како да ја оправда и дека роковите за избори остануваат онака како што е законски и уставно пропишано, а тоа е 22 дена од завршување на вонредната состојба, односно на 5 јули.
Артан Груби во отворено студио на Телевизија 24 изјави дека ДУИ се уште се на одлуката изборите да се одржат во јули и дека листите на пратеници веќе се поднесени. Датумот 5 јули беше компромисно понуден од ДУИ, рече Груби.
„Јас сум убеден дека било кој термин да го определиме за одржување на избори, сите партии ќе учествуваат, зошто не може да си го дозволат луксузот да не учествуваат на избори кои се признаени од сите институции и од меѓународната заедница и со мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР.“ – изјави Груби.
Во врска со тоа дали опозицијата ќе учествува на изборите, ставот на ДУИ е дека бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија, не сакаат да се мешаат во одлуките на другите партии, но посочуваат дека досега не го слушнале зборот бојкот од опозицијата.
Радмила Шекеринска смета дека вонредната состојба не може да се продолжува во недоглед зашто земјава не може да функционира без Парламент и треба да биде избрана влада со целосен политички легитимитет.
„Ниту една демократска држава не може да си дозволи олку долго да функционира без Собрание.Прашањето за датумот за одржување на изборите не е прашање на политички желби или предмет на консензус на политички партии, туку тоа е уредено во Уставот и законите“, рече вчера Шекеринска.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека не треба да се брза и дека е несоодветно воопшто да се размислува за избори во ситуација кога имаме по повеќе од сто заразени дневно и по неколкумина починати. Велат дека клучен фактор за одредување на датумот за избори е здравствената состојба со короната.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји синоќа на Твитер напиша дека со лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски телефонски разговарал за изборите и состојбата со КОВИД-10.