Изборите во фокусот на ЦИВИЛ
„Изборен систем и реформи: Препораките на ЦИВИЛ“ беше денешната тема на панел дискусиите, што ЦИВИЛ ги организира секоја среда и се дискутира за актуелни теми. Како еден од набљудувачите на изборните процеси од 2008 година, ЦИВИЛ препорачува Северна Македонија да биде една изборна единица, со цел да се обезбедат слободни и демократски изборни процеси, без вообичаените изборни нерегуларности. Во однос на промените во Изборниот законик, од ЦИВИЛ истакнаа дека се потребни реформи во Државната изборна комисија, како и во структурата на институцијата.
На настанот ЦИВИЛ ја објави втората публикација поврзана со Локалните избори 2021, насловена „Изборите под канонада на дезинформациите и говор на омраза“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Во своето обраќањето до нацијата, американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ја натера Русија „да плати цена“ за инвазијата на Украина.
„Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја плати цената „на долг рок“ дури и ако успее на бојното поле во Украина, велејќи дека „слободата секогаш ќе ја победи тиранијата“, рече Бајден.
ВОЈНА ВО УКРАИНА, ДЕН СЕДМИ
Седми ден на отпорот на жестоката агресија од страна на Русија. Информациите кои стигнуваат во врска со руската инвазија на Украина како и со оперативната состојба на дипломатскиот фронт укажуваат дека светот се консолидира во антипутинска коалиција, која му дава отпор на рускиот окупатор.
Министерството за надворешни работи на Украина, на Твитер објави видео на кое се гледа родилиште во Житомир уништеното руски проектили.
Разговорите меѓу Украина и Русија ќе продолжат денеска, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на изјава на помошник на украинскиот претседател. Вториот круг разговори се очекува да го сочинуваат истите претставници присутни на првата рунда разговори во понеделник.
Поради целосна инвазија на Украина, кршење на меѓународното право и убиства на цивили, Русија мора да биде исфрлена од Советот за безбедност на ОН и да се одземе правото на вето, изјави европратеничката од Германија, Виола фон Крамон-Таубадел.
Од почетокот на вооружената руска агресија, убиени се овеќе од 2.000 Украинци, не вклучувајќи ги тука загинатите бранители.
Рускиот опозиционер, кој е во затвор, Алексеј Навални на Твитер објави свое видување за војната во Украина и ситуацијата во Русија.
Ванг кој синоќа телефонски разговарал со неговиот украински колега, Дмитри Кулеба, констатира дека ситуацијата во Украина брзо се менува. Тој изрази жалење поради избунувањето на судирот меѓу Русија и Украина, нагласувајќи ја загриженоста на Кина заради штетите што ги трпи цивилното население.
Европската унија денеска воведе нови санкции против Белорусија поради нејзината улога во руската инвазија врз Украина, соопшти француското претседателство со Советот на ЕУ.
Амнести Интернешенл: Инвазијата на Украина е акт на агресија и катастрофа за човековите права.
ФЛЕШ ВЕСТИ
САНКЦИИ Европа ги штити оние на коишто им е потребна заштита. Сите оние кои бегаат од бомбите на Путин се добредојдени во Европа. Ќе обезбедиме заштита на оние кои бараат засолниште и ќе им помогнеме на оние кои бараат безбеден пат до дома, напиша претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на Твитер и го објави планот за привремена заштита на украинското население кое ја напушта Украина.
МРЕЖИ Социјалната мрежа „Твитер“ соопшти дека ќе ги почитува санкциите што Европската унија ги воведе против руските државни медиуми „РТ“ и „Спутњик“ веднаш штом одредбата стане правосилна.
ЕКОНОМИЈА Нема простор за паника – стоковните резерви се доволни, а компаниите располагаат со залихи на храна кои можат да одговорат на потребите на пазарот. Државата нема да дозволи ценовни шокови, ќе ги заштити граѓаните. Пченица и брашно ќе има, лебот нема да поскапи. Во сила е Одлуката за трговските маржи и инспекторите се постојано на терен. Доколку се утврди потреба, ќе се реагира со соодветни мерки.
ОДЛУКА Согласно одлкуката на Владата, највисоки ресорни институции се задолжуваат во најскоро време да достават информација за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвеност за евентуална бегалска криза, појасни на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Борис Георгиевски, екс градоначалник на скопската општина Гази Баба, зборува за својот мандат, за почетокот на мандатот на неговиот наследник, за паушалните обвинувања и партиските подметнувања, за завршените проекти и за проектите во фаза на реализација.
АНАЛИЗИ

„Сè уште не се знае дали и нашата држава ќе се приклучи на земјите членки на ЕУ во борбата против „медиумските машини на Кремљ кои шират токсични и штетни дезинформации“. Меѓутоа, се поставува прашањето – дали со евентуалната забрана на „Раша тудеј“ и „Спутник“ ќе се спречи ширењето на лаги и дезинформации со кои се оправдува војната на Путин?
Руските медиуми во нашата земја не се тие кои првично ја шират руската пропаганда и оправдувањето на војната, туку тоа го прават одредени политичари, или самонаречени аналитичари на социјалните мрежи и на Јутјуб каналот“, пишува Дехран Муратов во анализата „А кој ќе ги блокира „проруските гласила“ да не шират токсични и штетни дезинформации?“.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Москва уште не разбра дека социјализмот („како светски процес“) и во Русија пропадна – меѓу другото – затоа што Русите мораа да возат лади и волги, додека Германците (најголемите губитници во Втората светска војна) произведуваа мерцедеси, аудија, фолксвагени, опели и бмв-а за масовно развезување. Уште пред 30 години им се смачи на Русите да живеат само од престижот на Бољшој театарот и од гордоста за убиствената прецизност на руските ракетни системи“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Колку чинат 600 милијарди евра?“.

„Со години се работело и сега се работи на вас. Време е да ја сопрете кражбата на вашата душа. Не им се предавајте на оние што бесплатно ги користат вашите мозоци, како што „копачите“ на криптовалути крадат струја или сајбер криминалците што нечујно влегуваат во вашите компјутери и ги крадат вашите информации, пари и приватност.
Да се вратам, накратко, кај „обичните“ тролови. Тие не се многу писмени. За жал, со секој свој коментар го откриваат своевидниот криминал што со генерации го извршуваат политичарите и медиумите, но и институциите за образование и култура, оние што ги креираат политиките во општеството. Накратко, тие се жртви на главните носители во процесите во кои се креира политичката култура на едно општество. Можете да ги наречете и жртви на системот“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ „Кражба на души“.
Д. Муратов












