Во неделата, во Германија беа одржани речиси 150 втори круга избори за градоначалници и окружни совети, а во овој поглед, резултатите во покраината Северна Рајна-Вестфалија привлекоа особено внимание, пренесува Klix.ba.
Според германските медиуми, изборите во оваа покраина понудија неколку изненадувања.
Веројатно најголемото изненадување беше фактот што Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ја загуби градоначалничката позиција во Дортмунд, по 79 години владеење.
Кандидатот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Александар Калути освои 52,9 проценти од гласовите во тој град, додека сегашниот градоначалник Томас Вестфал (СПД) освои 47,1 процент од гласовите.
„Додека СПД претрпе историски пораз во Дортмунд, утешни резултати за социјалдемократите беа постигнати и на други избори: Во Келн, каде што на почетокот се чинеше дека трката ќе биде изедначена помеѓу кандидатката на Зелената партија, Бериван Ајмаз, и Торстен Бурместер (СПД), СПД на крајот успеа да го прослави својот кандидат како нов градоначалник на Келн. Бурместер победи со речиси 54 проценти, далеку пред Ајмаз со 46,5 проценти“, пишува WDR.
По повод историската победа во Дортмунд, зборуваше и лидерот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ, Јенс Шпан.
„Ги одржавме Есен и Дизелдорф со силни резултати. Ова значи дека три од петте најголеми градови во Северна Рајна-Вестфалија сега се предводени од градоначалници на ЦДУ. Последен пат постигнавме вакво ниво на успех во 1999 година. Фантастична вечер“, рече тој.
Едно од изненадувањата се случи во градот Минстер, кој доби градоначалник од Зелената партија. Кандидатот Тилман Фукс доби 58 проценти од гласовите во овој град. Претходниот градоначалник, Маркус Леве од ЦДУ, не се кандидираше за реизбор. Неговиот партиски колега, Георг Лунеман, не успеа да ги продолжи претходните успеси на ЦДУ.
Она што беше исто така големо олеснување за многумина беше слабиот настап на крајната десница, или АфД. Кандидатите од оваа партија беа во трката за градоначалник во Дуизбург, Хаген и Гелзенкирхен, но не успеаја да победат во ниту еден од овие градови.
Д. Мишев