Доколку Уставниот Суд донесе одлука за поништување на распуштањето на Собранието, тогаш нема да важи ниту претходната одлука за прогласување избори, изјави за Цивил Медиа, поранешниот потпретседател на ДИК, Субхи Јакупи.
Тој објаснува дека со одлуката за распуштање на законодавниот дом се поништува и одлуката за изборите за 12 Април, а со тоа и целата подготвителна процедура која ја спроведувала Државната изборна комисија до денот кога се донесе одлука за прекин на подготовките.
„Да, секако. Ако Уставниот Суд ја поништува одлуката на Претседателот на Собранието по автоматизам се поништуваат и сите изборни процедури кои биле подготвени за 12 април 2020 и повторно ќе имаме друга одлука за датумот на изборите”, вели Јакупи.
Ова според вториот човек на претходниот состав на ДИК, подразбира дека партиите ќе треба да состават нови листи на кандидати за пратеници, ќе треба да се пријават од почеток, ке треба да се спроведе проверка на Избирачкиот список и да се влече нова ждрепка за редоследот на партиите во листата за гласање.
Уставниот Суд за утре закажа седница на која треба да се разгледа одлуката на Претседателот на државата за воведување на вонредна состојба, а потоа ќе се изјасни и за иницијативата за распуштање на Собранието која ја поднесе уставниот судија Осман Кадриу. Оваа иницијатива е поднесена откако СДСМ побара враќање на пратениците во собраниските клупи за потврдување на одлуката на Пендаровски, а првиот парламентарец, Талат Џафери одби да закаже седница. И ВМРО-ДПМНЕ се противи на отварањето на собраниските врати, а од друга страна оваа партија е и против одржување на парламентарните избори во скоро време со образложение дека земјата е во пандемија.
А. Зеќири