Сам сум дома. Сите се некаде излезени. Во фаза кога ги правам последните корекции пред да тргнам на пат на уште неколку улични фестивали каде што ќе го поставиме уште еднаш актот „Контрабасот“. По цели денови ги спремаме костимите кај Виктор во двор, дополнително што одам да правам и корекции на некои од костимите кај шнајдерот Џевад од Чаир кој има мало дуќанче (шнајдерај) во Ново Лисиче. Уште од времето на Југославија татко ми кај него си ја средува личната гардероба, поточно прави корекции. Што би се рекло татко ми и Џевад сто години се пријатели. Еве, ден денес и јас, а и цело мое семејство одиме кај Џевад да ни прави корекции на гардеробата. Брз е, пријатен е, а и има многу интересни приказни за раскажување. Седам кај него во „радњата“ гледаме телевизија и како и сите останати Македонци ги коментирааме случувањата од нашето секојдневие.
И додека Џевад ми ги „стега“ костимите ми ѕвони телефонот. Син ми. Кревам.
„Слушај, во Чаир сум ќе играме фудбал тука, завршувам за саат – два. Иди до кај Аднан, купи лубеница и стави ја да се лади, многу ми се јаде лубеница. Ама од кај Аднан да е, никако од друго место. ОК?“
„ОК“, велам и додавам, „Ти после фудбал помини од кај Џевад да ги земеш костимите“.
„Добро“, потврдува син ми. Спуштаме.
„Морам да одам да му земам на син ми лубеница. Специјалните на Аднан ги сака“, се смееме со Џевад. „Ќе помине тој после и ќе ги земе костимиве“, му велам.
„Важи бе Војо, нема гајле“, со насмевка одговара Џевад додека работи на сингерицата.
Излегувам. Со велосипедот на брзина одам до пиљарница која е на две згради подолу од мојата. Влегувам. Пиљарот, Аднан, кој патем е од Бутел, е и сопственик на пиљарницата. Насмеан од уво до уво. Млад модерен Албанец на околу четириесет годишна возраст. Среден, ептен како што личи. А од друга страна „лабав“ што би рекле младиве денес во Скопје.
„Оооо, кај си бе Војо“, ми се обраќа. „Седи молим те да ти кажам што ми се случи синоќа. Имаш време?“
„Само време имам“, одговорам.
Излегуваме надвор пред пиљарницата. Ме нуди со цигара. Земам. Пали и тој. Распушуваме.
„Слушај брат, синоќа се враќам накај дома од работа, накај дванаесет беше, нешто така. Се качувам на железничка. Автобусов празен, сам сум во него. Седнав на крајот. Си земав пиво со мене. Ја отворам лименката. Пијам и гледам преку прозор. За пет минути автобусов трга. Застанува на првата станица кај СОК. Никој не се качува. Продолжува. Одеднаш мајсторов нагло кочи. Во аутобусов се качува многу убава девојка. Ама ептен. Од цел празен автобус девојкава „случајно“ (ми прави навoдници со показалецот и средниот прст) седнува до мене. Никогаш во живот претходно не сум ја видел. Се збунив. Автобусот трга.
По пет минути возење девојкава почнува разговор со мене, ама онака лајт. По седум минути се опушти целосно. Почнува да ми се жали како се испокарала со дечко и’ на журката кај што биле заедно, но, во исто време и ми се фали дека дечко и’ бил „пун кеш“ и дека била среќна со него, ама и дека од време на време знаел јавно да ја понижува. Ми признава дека кога ја понижувал јавно тоа ептен ја правело тажна, ама и покрај тоа ќe се омажела за него. И, се возиме така брат, девојкава и јас во празниот аутобус и таа почнува да ми пие од пивото. Патов нема крај, а јас и не сакам да има. Супер ми е покрај неа. Девојкава ми пие од пивото повеќе и повеќе, мене ми е се поубаво и поубаво. Вадам уште пива од ранец. Пиеме заедно. Девојкава целосно се опушта. Ми призна дека намерно побегнала од забавата и дека сакала да се качи во првиот автобус на кој ќе налета и слушај сеа … за да се оддалечела од одвратната реалност во која живеела веќе некое време. А бе глупости бе брат, глупости.“ (се смееме.)
„И што се случи потоа?“, прашувам јас.
„И тука завршува приказнава за таа вечер. Сабајлево се будиме еден покрај кај мене во спална. Свири џез. Поима немам кој го пуштил џезот. Јас не слушам џез, бе брат. Толку многу сме се испоначукале ноќта што не се сеќававм дали нешто се случило или не додека спиевме еден покрај друг. Девојкава, име не ми кажа, ама тоа и не е важно бидејќи, зошто ми е да знам како се вика кога сме се опуштиле за сите пари. Се усрами сиротата. Ми кажува дека ќе си оди од тука. Добро и’ викам – оди си. И додека ја гледав брат како се облекува во ваздухот остана да лебди – се случи нешто синоќа или не? Јас навистина не се сеќавам. И затоа одлучив, за да не се мачиме двајцата да и’ помогнaм да се облече набрзина, да и’ ги дадам сите пари што ги имам во џеб, да ја испратам до такси и да си фати патот побрзо до дома да стигне на време за да не и се случи некоја непредвидена ситуација“.
„Ти не се сеќаваш дали направивте нешто?“
„Не. Туку, брат, тебе ти требаше нешто или онака дојде?“
„По лубеница дојдов, син ми е во Чаир играат против некој тим од таму, сака после уткамица да јаде лубеница, да се оладел.“
„Кујтим, ајде за Војо спакувајте ја надобрата лубеница, син му доаѓа од фудбал, играат во Чаир, па сакал да јаде лубеница.“
Кујтим ја одбра најдобра лубеница и однесе да ја мери.
„Брат, сто посто губат во Чаир, ама ај да не ти правам јас малер пред време чекај нека си дојде син ти па да видиш што ќе ти каже.“
Се смееме, онака најскопски. Кујтим ми ја донесе лубеницата.
„Уживај брат за лубеницава оваа ти од мене, туку, што ќе кажеш за приказнава што ти ја раскажав, а?“
„Одлична е. Само ме чуди како не се сеќаваш што се случило. Како и да е, утре те носам на ќебапи, сакаш?“, го прашав.
„Е како може да не сакам?“, рече. „Убавината на Скопје е во тоа што сите вкусови на различностите се вмешуваат во воздухот на овој град и градот мириса совршено убаво точно заради тие разликите на мултикултурализмот, што би рекол ти во оние твоине текстови што ги пишуваш.“
Сега уште повеќе се смееме. И додека Кујтим ми ја пакува лубеницата влегувам внатре во пиљарницата да докупам уште нешто за дома. Од некаде ми ѕвони телефонот. Се фаќам по џебови – го нема.
„Брат“, довикува Аднан од надвор, „те бара Џевад шнајдерот“.
„Крени му и прашај го што е?“ довикувам од внатре.
Аднан влезе во пиљрницата. Подавајки ми го телефонот рече.
„Син ти тргнал накај дома. Ги зел костимите. Да си побрзал со лубеницата сакал да е ладна“.