The Atlantic / Кристофер Бим
Кога живеев во Кина, пред една деценија, често гледав пропагандни билборди покриени со зборови кои навдно ги изразуваа вредностите на земјата: Патриотизам. Хармонија. Еднаквост. И … Демократија. Навистина, Кина тврди дека се смета за демократска земја. Исто и Русија, Куба, Иран и така натаму по листата на нации рангирани според нивното ниво на посветеност кон правата и слободите. Дури и Севера Кореја се смета за дел од клубот. Тоа е токму и во официјалното име: Демократска Народна Република Кореја.
Неодамна помислив на тие кинески билборди, кога една постизборна анкета покажа дека многу американски гласачи ја истакнуваа важноста на демократијата додека поддржуваа кандидат кој се обиде да ги поништи резултатите од претходните претседателски избори. Според едно испитување на Асошиетед прес, цела една третина од гласачите на Трамп рекле дека демократијата е нивнто главно прашање. (Две третини од гласачите на Харис го кажале истото.) Во една анкета спроведена пред Џо Бајден да се повлече од трката, седум од десет неопределени гласачи во сојузната држава рекле дека се сомневаат дека Доналд Трамп ќе ги прифати изборните резултати доколку изгуби—но, повеќе луѓе рекле дека би имале доверба во Трамп да се справи со заканите за демократијата отколку што рекле дека би имале доверба во Бајден.
Речиси сите Американци велат дека ја поддржуваат демократијата. Тие дури се согласуваат дека е во неволја. Но, кога истражувачите ќе навлезат подлабоко во деталите, откриваат дека различни луѓе имаат многу различни идеи за тоа што значи демократијата и што го загрозува нејзиниот опстанок и дека демократијата е само една конкурентска вредност меѓу многуте. Во колективниот ум на гласачите на САД, концептот на демократијата се чини дека е толку заматен, а нивната посветеност кон неа толку условена, што ве тера да се запрашате што, ако ништо друго, би направиле за да ја сопрат нејзината ерозија—или дали воопшто и би забележале дека тоа се случува.
Американците ја доживуваат демократијата низ речиси сосема партиски објектив. Во неодамнешните анкети, демократите имаат тенденција да го цитираат Трамп—поточно, веројатноста тој да бара да ги поткопа изборите—како најголемта закана за демократијата. Тие, исто така, укажуваат на изборни манипулации, потиснување на гласачите и реториката на Трамп за користење на владата за да бара одмазда како причини за загриженост. За републиканците, напротив, заканите за демократијата се во форма на мејнстрим медиумите, гласањето по пошта, имиграцијата и она што тие го гледаат како политички мотивирано гонење на Трамп. Можеби најдобриот Роршахов тест се законите за лична карта на гласачите, кои ги карактеризираат како „изборен интегритет“ или „потиснување на гласачите“ зависно од гледната точка: републиканците ги гледаат како разумен начин да се направат изборите поточни и поодговорни, додека демократите ги гледаат како маневар за одземање на правото на глас на гласачите кои немаат идентификација издадена од државата. Затоа, не е изненадување што кампањата за платформата за зачувување на демократијата не функционираше за Камала Харис. Повикување на поимот со цел собирање поддршка претпоставува споделено разбирање за тоа што тоа значи.
Уште повеќе загрижувачки, американските гласачи ретко даваат приоиритет на демократијата пред други размислувања. Во најголем дел, подготвени сме да не го забележиме наштетувањето кое ја поткопува демократијата, се додека нашиот тим е тој што го прави тоа.
Една студија од 2020 година во „American Political Science Review“ од Метју Х. Грахам и Милан В. Сволик од Универзитетот Јеил покажува дека само 3,5 отсто од Американците би гласале против кандидат чиј политики инаку ги поддржуваат ако тој кандидат би преземал антидемократски постапки, како изборни манипулации или намалување на бројот на избирачки места во непријателска област. Друго испитување покажа дека кога на левичарските гласачи им било претставено хипотетичко недемократско однесување од страна на десничарски политичиари—забранувајќи на протести, да речеме, или давајќи им на приватни групи можност да стават вето на законодавството—62 отсто од нив го сметале тоа за недемократско. Но, кога истото однесување им се препишува на левичарските политичари, само 36 отсто го сметале за недемократско.
Некои научници го нарекоа феноменот „демократско лицемерие“. Други, сепак, тврдат дека гласачите не се преправаат дека антидемократското однесување што го поддржуваат е демократско; тие навистина така се чувствуваат. „Луѓето се прилично добри во расудувањето на свјот пат до верување дека она што сакаат да се случи е демократскиот исход“, ми рече Брендан Нихан, професор по политички науки во Дартмут. Тоа е особено вистинито ако можете да си кажете дека ова би можело да ви биде последната шанса пред другиот човек да ги укине изборите целосно. Само треба да жртвуваме малку демократија за доброто на демократијата, оди размислувањето. Грахам, кој е сега доцент по политички науки на Универзитетот Темпл, ја проучувал реакцијата на претседателските избори од 2020 година и движењето „Стоп за крадење“. „Нашиот заклучок беше дека речиси секој што вели во анкетте дека изборите се украдени, всушност верува во тоа“, ми рече тој.
Вознемирувачката импликација од политичкото-научно истражување е дека доколку навистина се случат типичните форми на почетно демократско назадување, барем половина од земјата веројатно нема да забележи или да се грижи. Натрупување на администрацијата со лојалисти, користење на властите за спроведување на законот против политичките непријатели, малтретирање на критичарите за да молчат—овие мерки, сите веродостојно заканети од новоизбраниот претседател Трамп, можеби нема да ја пресечат маглата на партиската поларизација. Без тенкови на улиците, повеќето луѓе можеби нема да го согледаат уништувањето на демократските норми во нивниот секојдневен живот. И ако Трамп и неговите сојузници изгубат избори или не успеат да ги донесат најекстремните делови од нивната агенда, тие податоци ќе се држат како доказ дека секој кој плаче за демократска ерозија е Малата кокошка. „Ова е дебата што ќе биде многу глупава“, рече Нихан.
Можеби мислите дека, во демократија, поддршката за самата демократија не би можела да се преговара—дека гласачите би одбиле секој кандидат или лидер кој не бил ги исполнувал потребните стандарди, бидејќи тие би препознале дека слабеењето на демократијата го загрозува нивниот начин на живот. Но, таа едноставна приказна не е секогаш вистинита. Работата на вистинските продемократски политичари е да ги убедат гласачите дека демократските норми и институции навистина се поврзани со поопипливи прашања за кои се грижат—дека Америка со помалку демократија најверојатно би била и онаа со поголема економска нееднаквост, на пример, и помалку поединечни слободи.
Алтернативата на правењето и повтрното правење на случајот за демократијата е пад во апатичен нихилизам. Погледнети го само покривањето на изборите во САД од страна на кинеските медиуми. Во едно видео споделено од страна на „China News Service“ се вели дека кој било да победи би бил само „лицето на владеачката елита, оставајќи ги обичните луѓе како обични гледачи“. Државниот радиодифузер „China Central Television“ тврдеше дека изборите биле зафатени со „невиден хаос“. Таквото зборување има смисла од непријателите на демократијата. Опасноста е кога самите демократии почнуваат да веруваат во тоа.