Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, постапувајќи по претставка од Управата за финансиска полиција, во согласност со членот 28 од Законот на јавното обвинителство, изврши надзор и увид во предмет оформен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Надзорот е извршен од двајца јавни обвинители определени со годишниот распоред за надзор над работата на Обвинителството. Јавните обвинители изготвија службена белешка за увидот во постапувањето во предметот и ја доставија до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
При вршењето на надзорот, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале во предметот беа задолжени да изготват информација за наводите во претставката. Меѓутоа, само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето.












