Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП) ја започна кампањата „И оваа година безбедноста има предност – 2018 најбезбедна до сега“.
„Годината зад нас за некои беше успешна, за некои помалку успешна, за некои, за жал, трагична. Статистичките податоци покажуваат дека во 2017 година бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди е намален во однос на претходната година, но и покрај тоа, бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, сѐ уште е голем“ – се вели во соопштението на РБСП.
Периодот на новогодишните и божиќните празници е карактеристичен по големиот број веселби, изобилство на алкохол, забави до раните утрински часови, проследени со интензивен сообраќај, долги патувања, смрзнати коловози… Затоа, РСБСП се обидува да ја зајакне јавната свест со оваа кампања.
Кампањата ќе се спроведе преку електронските медиуми, социјалните мрежи, билбордите и во локалите и објектите каде што младите ќе се забавуваат во пресрет на најлудата ноќ.
,,Оваа кампања е креирана во духот на позитивното празнично расположение, а преку љубовта и припадноста што се отсликуваат во неа, целиме кон тоа, да ги потсетиме сите учесници во сообраќајот дека за новогодишните и божиќните празници најважно е да стигнеме здрави, живи и безбедни во своите домови и празниците да ги поминеме во кругот на семејството и пријателите. Идејата на РСБСП е новата 2018 година да ја започнеме со мисла, со надеж и со верба, дека овaа треба да биде најбезбедната година до сега.“ – велат од РСБСП.
извор: РБСП
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.