„И пет души да протестираат доволно е. Колку сме – толку сме, ќе издржиме во борбата. Што не се бунеа граѓаните кога за време на Шарена револуција секој ден беше блокиран цел град“, се најчестите изговори и оправдувања на неколкумината бојкотирачи кои го парализираат градот секој ден околу 17 часот.
Кога веќе се прави паралела помеѓу протестите од минатото и сегашните протести, се потсетив на еден протест на стечајните работници кои протестираа пред Собранието на Р. Македонија за време на владењето на Никола Груевски.
Неколкумина стечајци ја блокираа улицата, пришто веднаш дојдоа полицајци кои беа наоружани од глава до пети и ги тргнаа од улицата бидејќи немаше 20 души. Стечајните работници се тргнаа кај паркчето „Жена борец“, и чекаа да им стигне „појачување“, односно да дојдат уште неколкумина со лични карти за да им достават список со 20 души на полицајците, оти така предвидува законот.
Додека бев на тој протест, дел од полицајците буквално се изживуваа со напатените, гладни и изнемоштени стечајци. Дел од полицајците до толку беа „професионалци“ што ги натераа од улица да ги собираат пикавците од цигари, инаку во спротивно ќе им напишеа казна… Тоа беше многу тажна глетка!
Денес ситуацијата е различна. Улицата пред Собрание ја блокираат и само неколку души. Толку е очајна бројката и поддршката на „уставобранителите“ што мора да ги корнат клупите од паркот „Жена борец“, за да ги постават на улица. Дај некој нека им каже дека клупите не протестираат, луѓе протестираат!
На протестите не видов ниту дека има редари, за што на пример во минатото беше парично казнета активистката Мери Николова, кога огранизираше протест за амнестија на затворениците.
Правото на протест е уставно загарантирано право и тоа право никој не може да го спречи. Но, сепак, законот мора да се почитува! Не ли е малку нелогично само неколку души да го блокираат цел град, да создаваат собраќаен хаос во период кога воздухот е загаден… Инаку, или јас не ги гледам, или сум пропуштил да ги видам лидерите кои на Фејсбук повикаа на протести пред Собрание. Или пак, додека надвор траат „масовните“ протести, лидерите си седат на некое топло место и бистрат политика.