Општа перцепција е дека корупцијата во градежништвото е најраспространета, повеќе отколку во било која друга стопанска гранка. Како и во било која област, и тука таа генерира економски дисторзии и го еродира целокупниот институционалниот капацитет на општеството.
Особено кога таа е „политичка“, централизирана, т.е. еманирана од самиот државен врв. Така, понесено на крилата на вмровските злосторнички закони за градежништво и просторно и урбанистичко планирање кои овозможија апсурден и злочинечки урбанизам (и кои сѐ уште се на сила!), градежништвото се вивна до височини од кои можеше комотно урбанистички да го девастира нашиот животен простор и да унесреќува илјадници наши сограѓани. Да, да, на илјадници наши сограѓани им се случи тоа, НАМ ни се случи тоа што не можевме ни да претпоставиме дека може да ни се појави ни во нашите најкошмарни соништа: ни се случи „Скопје 2014“, ни се случи погледот од нашите станови да ни се судира со ѕидовите на новите објекти изникнати на само неколку метри од нашите прозори.
Можете да замислите какви им се сега животите на луѓето кои живеат во зградите од Градскиот ѕид наспроти поранешната железничка станица и хотелот „Бристол“, во зградите на монструм-уличките во Дебар Маало, во зградите крај некогашните тревници и паркчиња во Карпош, во Буњаковец, во Чаир, во Охрид, Тетово… Нивните чести обиди сега да ги продадат нивните обезвреднети станови и куќи се редовно безуспешни – сега не можат да ги продадат ни за половина цена од цената која тие до тогаш ја имале. Секој од нив, без никакво двоумење, ќе ви каже дека причината за нивната констернација е постоењето на градежната, урбанистичката мафија. Ќе ви го каже тоа и денес, по повеќе од осум месеци по 27-ми април. Сѐ уште, и денес, нашата општа перцепција за оние во чии раце е судбината на нашиот животен простор е непроменета.
Застрашувачки е денес молкот за сето ова. Импресивната прегнантност на Мирослав Грчев во колумните на страниците на Слободен печат сѐ повеќе заличува на глас во пустина. Зарем толку лесно се помиривме да го продолжиме живеењето во смрдеата од контаминацијата наречена „Скопје 2014“ и зарем толку лесно се помиривме и натаму да бидеме унесреќувани со споменатите злосторнички, мафијашки донесени закони? И со што сега, всушност, сме соочени?
Тешко ни е да поверуваме дека сме соочени со некаква неразбирлива инсуфициентност на оние кои пред неколку месеци ги донесовме на власт. Но, уште што треба да направиме за тие да разберат дека контаминацијата со „Скопје 2014“ не е (само) метафизичка и дека деконтаминација се врши само, исклучиво само со отстранување на контаминирачкото. И што уште треба да направиме да разберат дека нашето натамошно унесреќување со натамошната примена на злосторничките закони треба веднаш да го сопрат со нивната итна суспензија. Ако, пак, не станува збор за таква инсуфициентност, дали тогаш ни преостанува да зборуваме за опортунизам, па дури и за колаборација со Злото?