Американските пратеници објавија копија од „роденденската книга“ дадена на починатиот финансиер, осуден педофил Џефри Епштајн во 2003 година, која вклучува белешка наводно потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Би-би-си.
Книгата беше објавена со мноштво документи што го вклучуваат тестаментот на Епштајн и неговиот личен адресар – со контакти меѓу кои се членови на кралското семејство, познати личности, модели и политичари од целиот свет.
Адвокатите на имотот на Епштајн испратија документи до Комитетот за надзор на Претставничкиот дом откако беа повикани на суд минатиот месец.
Белата куќа негираше дека наводното писмо од Трамп, кое содржеше цртеж од женско тело, е автентично и рече дека претседателот „не ја нацртал оваа слика и не ја потпишал“.
Кога наводната порака на Трамп првпат беше објавена од Волстрит џурнал во јули, претседателот рече дека е „лажна работа“ и негираше дека ја напишал. Тој поднесе тужба против новинарите, издавачот и раководителите на весникот, вклучувајќи го и сопственикот на News Corp, Руперт Мердок, барајќи 10 милијарди долари (7,4 милијарди фунти) отштета.
Потпишаната порака, наводно од Трамп, содржи неколку редови текст, а последниот ред гласи: „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“.
Трамп не коментираше за објавувањето на белешката, иако Белата куќа во понеделник негираше дека претседателот доставил нешто за книгата и рече дека потписот на белешката не се совпаѓа со оној на Трамп.
Д. Мишев