На 12 јули Косово ја одбележи 20 годишнината од крајот на војната во која загинаа или исчезнаа околу 13.500 лица, а околу 1.2 милиони ги напуштија своите домови, и влезот на Алијансата во Косово, по завршувањето на бомбардирањето во Србија. НАТО ја започна воздушната кампања во 1999 година, со цел да стави крај на репресијата и етничкото чистење што го вршеа силите на Милошевиќ.
Граѓани од целата држава се собраа во Приштина да ги пречекаат и поздрават поранешниот американски претседател, Бил Клинтон, и поранешнната Американска државна секретарка, Медлин Олбрајт.
На прославата присуствуваше и поранешниот командант на силите на НАТО за Европа, Весли Кларк, кој ја предводеше 78-дневната воздушна кампања на западната алијанса против Југославија, по што претседателот, Слободан Милошевиќ, беше принуден да ги повлече своите сили од Косово.
На Клинтон и на Олбрајт им беа доделени и Ордени на слободата, а им ги врачи косовскиот претседател Хашим Тачи, а во Приштина се откри бистата на Медлин Олбрајт.
„Голема чест ми е што застанав до вас против етничкото чистење и за слободата”, изјави Клинтон меѓу другото, пред граѓаните на плоштадот Мајка Тереза во Приштина.
Војната меѓу Косово и Србија траеше од 1998 до 1999 година. Беше завршена по 78-дневната воена интервенција на НАТО и со влез на силите на Алијансата на Косово.
Д. Т.