По два последователни неуспеси, вчера конечно беше конституирано косовското Собрание, со што се отвори патот за полагање заклетва на новите пратеници избрани на изборите на 9 февруари. Но, обидот за избор на претседател на Собранието пропадна двапати по ред, јавуваат косовските медиуми.
Претседавачот на седницата Авни Дехари рече дека на консултативните средби меѓу политичките партии е постигнат договор едногласно да се одобри извештајот на Комисијата за верификација на мандатите. Сите 120 пратеници гласаа Извештајот да го подготви претходниот состав на Комисијата, со што се овозможи свечена заклетва на новиот парламентарен состав.
Веднаш по положувањето на заклетвата на пратениците, Движењето Ветевендосје ја предложи Албулена Хаџиу за претседателка на Собранието.
Но и во двата гласа Хаџиу не го доби потребното мнозинство: првично 57 гласа за, 20 против и 3 воздржани, а во вториот обид 57 за, 19 против и 3 воздржани.
Социјалдемократската иницијатива и двајца пратеници од несрпското малцинство беа воздржани. Поради тоа, седницата беше одложена за 48 часа – до понеделник во 15:00 часот.