Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска одговори на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е трајно неспособен и дека лажел за да избегне издржување на воен рок.
„ВМРО-ДПМНЕ не избира ни средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза“, наведува Ковачевски.
Тој додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и културно ќе одговори на лагите и навредите.
„Никогаш ниту сум избегнувал ниту сум бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат,“ нагласи Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска објавија документ, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за „трајно неспособен“, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Интересно е како овој документ од евиденциона книга на АРМ се нашол на „социјалните мрежи“, и веднаш го објави Ковачки, кој е инаку поранешен висок припадник на АРМ, сега е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ?
Д.М.