Владата на Република Северна Македонија денеска одржа тематска седница посветена на остварувањата и достигнувањата на Владата и министерствата во првите 100 дена од работењето, соопштуваат од владината прес служба.
На седницата премиерот Димитар Ковачевски кој претседаваше со седницата соопшти дека со оваа седница, како и со настаните кои ќе се случуваат во наредниот период, тој, вицепремиерите и министрите, ќе ги сублимираат и презентираат досегашните обемни остварувања.
Ковачевски нагласи дека одговорно и со целосна посветеност и внимание во Владата во првите 100 дена се фокусираше на формирање и на хармонизирање на новиот тим за да ги подготвиме и спроведеме најсоодветните одговори за сериозните предизвици кои нѐ очекуваа.
„Актуелната Влада си постави и останува на јасната цел – Да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот како и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење. Тоа се одликите што ги побарав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани, без исклучок“, потенцираше Ковачевски во обраќањето на тематската седница.
Премиерот Ковачевски посочи дека овој состав на Владата јасно ги дефинираше приоритетите за работа и креираше програма која е надградена, врз основа на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година, со тоа што се вградени и програмските определби на новиот коалиционен партнер Алтернатива.
Тој дополни дека во Програмата на оваа Влада се вклучени и нови, автентични програмски цели кои беа неопходни и произлегоа од новите предизвици кои стоеја пред нас.
„Клучен, прв приоритет е справување со енергетската криза во државата, којашто е пред сѐ европска енергетска криза и која се чувствува и кај нас, а која доби дополнителни загрижувачки димензии со војната во Украина. Самата воена агресија пак, нѐ исправи пред историски предизвик, како земја членка на НАТО, заедно со нашите сојузници, бескомпромисно да одговориме на овој антицивилизациски чин како што е бруталното кршење на меѓународното право и на сите конвенции за мир и безбедност“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски рече дека меѓу приоритетите на Владата беа и исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, како и евро-интеграциите како наша стратешка цел.
Следниот приоритет, истакна Ковачевски, е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза која произлегува од енергетската и воената криза.
Во експозето по повод првите 100 дена од работата на Владата на тематската седница, премиерот Ковачевски се осврна и на најважните остварувања во ресорите на вицепремиерите и на сите министерства.Премиерот Димитар Ковачевски во своето експозе по повод првите 100 дена од работата на Владата истакна дека уште во првите 50 дена, меѓу другите важни достигнувања беа направени два историски чекори.
„Во првите три недели од работата на Владата го остваривме ветувањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Директно го подобривме животниот стандард на граѓаните, на работниците. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, ефикасно и посветено постигнавме решение кое значи поддршката на граѓаните и економски раст и развој. Низ дијалог како вистински и единствен начин за изнаоѓање одржливи решенија, оваа Влада направи клучен чекор во вистинско време и покажа разбирање и за работниците и за работодавачите. Околу 160.000 граѓани сега добиваат најмалку 18.000 денари“, нагласи премиерот Ковачевски и додаде дека Владата останува посветена на политиките за раст на просечната плата и со силен интензитет да ја помага економијата.
Во првите 100 дена, потенцираше премиерот, Владата преку одговорна и посветена работа на сите чинители вклучени во економско-социјалниот дијалог обезбеди и континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.
„Со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, пензионерите секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. Обезбедивме и директна финансиска помош, по 1000 денари плус за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари, за речиси 330 илјади пензионери. Со сите преземени активности, во 2022 година, на годишно ниво, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат околу 12.000 денари плус во домашниот буџет.
Сега имаме трајна и одржлива методологија која што нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Имаме квалитетно решение со кое пензионерите ќе добиваат повисоки пензии.
Во своето обраќање на тематската седница посветена на првите 100 дена од работењето на Владата, премиерот Ковачевски нагласи дека актуелниот владин состав подготвено се соочи и со енергетската криза и со одговорни и сеопфатни решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза и со економската криза предизвикана од војната во Украина, која во најголем дел влијаеше на снабдувањето со основните прехранбени производи.