Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поднесена е кривична пријава против скопјанец за „тероризам“. Тој се сомничи за лажно пријавување подметната бомба во авион на Скопскиот аеродром, по што аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, одложени.
– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР – Сектор за борба против тероризам, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава по брза постапка против С.А., на возраст од 26 години од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394 – б од Кривичниот законик, појаснуваат од МВР.
По преземени мерки и активности, дојдено било до сознание дека на 16 август во 2:41 часот, лажно пријавил дека е поставена бомба во авион што од Меѓународниот аеродром – Скопје требаше да полета кон Република Турција, по што аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, исто така, беа одложени за неколку часа, односно до завршување на антитерористичките проверки.
– При преземањето мерки, вчера, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода. Во службен разговор во полициска станица, тој го признал делото, потенцираат од Министерството.
Претходно, од Обвинителство соопштија за донесена наредба за спроведување истражна постапка против лице кое се сомничи дека сторило кривично дело „тероризам“, а предложен бил и притвор, пренесе МИА.