Невладината организација „Лекари без граници“ (MSF) денеска го обвини Израел дека дозволува „смешно недоволна“ помош за Појасот Газа само за да избегне обвинување дека „го изгладнува населението“.
-Овој план е начин за инструментализирање на помошта, претворајќи ја во алатка за воени цели на израелските сили, рече Паскал Коасар, координатор на „Лекари без граници“ во Кан Јунис во Појасот Газа.
„Лекари без граници“ оценија дека сегашната дозвола за 100 камиони со помош дневно е „апсолутно смешна“ во време кога ситуацијата е критична.
Дозволената помош е „само завеса од чад“, како што истакнува невладината организација, додека опсадата на палестинската територија продолжува.
Најголемиот дел од населението на Газа, повеќе од два милиона лица, е речиси целосно зависен од помошта што пристигнува на палестинската територија уништена од интензивно бомбардирање и воени операции по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
„Лекари без граници“ соопштија дека најмалку 20 медицински установи во Газа се оштетени и делумно или целосно онеспособени од израелските копнени операции, воздушни напади и наредби за евакуација во текот на изминатата недела.
Извор: МИА