Со распишување на локалните избори течат роковите и за поднесување листи на кандидати од политчките партии и независните иницијативи.
Листите на кандидати за советници и градоначалници ги доставуваат овластените претставници на предлагачите до Општинските изборни комисии (ОИК), односно до Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС). Крајниот рок за поднесување е 13 септември до 24 часот, односно 35 дена пред изборите.
По приемот, ОИК веднаш проверува дали листите се доставени навреме и дали се во согласност со Изборниот законик. Институциите кои располагаат со потребните податоци за кандидатите се должни да ги достават во рок од 24 часа.
Ако листата е уредна, комисијата ја потврдува со решение во рок од 24 часа. Доколку има неправилности, предлагачите имаат рок од 48 часа да ги отстранат, или пак да заменат кандидат кој не ги исполнува условите. Ако неправилностите не се поправат навреме, листата се отфрла.
До 20 септември, сите потврдени листи се доставуваат до ДИК, која со ждрепка го утврдува нивниот редослед. Ждрепката ќе се одржи најдоцна на 25 септември.
Листите се објавуваат најдоцна 23 дена пред денот на изборите, односно до 25 септември, на македонски јазик и писмо, а во општини со најмалку 20% граѓани што зборуваат друг службен јазик – и на тој јазик.
Во случај на смрт на кандидат, предлагачот може да предложи нов кандидат до 8 октомври. Ако тоа се случи во последните 10 дена пред изборите, замената не е дозволена, освен во случај на кандидати за градоначалници, кога изборите во таа општина се одложуваат за 14 дена.
Секој подносител на листа има право да назначи претставник и заменик кои ќе ја следат работата на изборните органи. За овластен претставник не може да биде лице кое е кандидат. Известувањето за овластувањето се доставува најдоцна до 16 октомври.
Политичките партии кои учествуваат во изборниот процес ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори најдоцна до 27 септември, пред почетокот на кампањата.