ЦИВИЛ ја презентираше својата прелиминарна оценка за вториот круг и целокупниот тек на локалните избори 2025 година. Според набљудувачите и аналитичкиот тим на организацијата, изборниот процес се одвиваше во формален ред, но со сериозни системски и институционални недостатоци што ја поткопуваат довербата на граѓанките и граѓаните во изборниот систем.
Фингерпринт апаратите повторно предизвикаа проблеми и застои, а пристапноста на избирачките места за лица со попреченост останува хроничен проблем.
3. Технички пропусти и култура на некомпетентност
Фингерпринт апаратите, воведени со ветување дека ќе ја зголемат довербата и брзината на гласањето, повторно се покажаа како слаба алка.
Дефекти, застои и долги редици беа забележани во повеќе општини низ земјата. Наместо сигурност, тие создадоа конфузија, нервоза и дури подбив.
Во вториот круг бројот на дефекти беше помал, но не затоа што системот се подобрил, туку затоа што избирачките одбори — евидентно — се потрудија повеќе, а гласањето се одвиваше во само една третина од општините. Сепак, остана забележливо дека истите проблеми се провлекуваат уште од првиот пат кога фингерпринт апаратите беа воведени на изборите во 2021 година.
Во бројни избирачки места беа евидентирани повреди на тајноста на гласањето – од гласно изговарање на имињата на гласачите, до неправилно поставени паравани и случаи кога членови на избирачки одбори им сугерирале на граѓаните за кого да гласаат.
Овие инциденти не се исклучок – тие се одраз на поширока култура на непрофесионалност и небрежност, засилена со институционална неказнивост.
Заклучок
Во целина, локалните избори во 2025 година го потврдија хроничниот дефицит на политичка култура, институционална подготвеност и почитување на основните демократски стандарди.
Иако процесот формално се одвиваше во рамките на законитоста и процедурите, суштинскиот интегритет остана нарушен — од избирачкиот список и техничките слабости, до изборниот молк и притисоците врз гласачите.
Државата повторно покажа дека не поседува целосно функционален, транспарентен и доверлив изборен механизам, способен да обезбеди изборен процес што во целост ги исполнува демократските стандарди.
И двата изборни круга поминаа без големи инциденти, но без суштински интегритет.
Се гласа, се брои и се објавуваат резултати — но под површината на мирните и демократски избори се кријат манипулации, страв, притисок и апатија, што создава опасна трансформација на демократијата во ритуал без содржина.
Потребна е сериозна институционална реформа и професионализација на изборниот систем, а не декларативна посветеност на демократијата.
Прв дел од прелеминарниот извештај за локални избори 2025 изработено во рамките на „Демократски навигатор – Стратешки одговор на дезинформации и хибридни закани (2025)“, предводен од ЦИВИЛ – Центар за слобода и поддржан од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.












