Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во консултација со Киев и Москва денеска соопшти дека постојат позитивни знаци за воспоставување безбедносна зона околу украинската нуклеарна централа во Запорожје.
Видов знаци што покажуваат дека тие (Киев и Москва) се заинтересирани за таков договор, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси на прес-конференција во Виена, првиот ден од состанокот на одборот на гувернери на МААЕ.
Тој истакна дека сега се разговара за различни технички карактеристики, меѓу кои и работата на експертите на МААЕ на терен и колкава ќе биде таа зона.
Забележувам дека двете страни соработуваат и поставуваат прашања, додаде Гроси.
Минатата недела МААЕ препорача воспоставување заштитна зона во извештајот објавен по посетата на нуклеарната централа.
Електраната во јужниот дел на Украина, која од 4 март е во рацете на руските сили, е најголема во Европа, но во изминатите недели беше цел на воздушни напади.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за тие напади, кои предизвикуваат страв од нуклеарна катастрофа како онаа во Чернобил во 1986 година.