Министерот за правда Бојан Маричиќ на Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“ во организација на ЦИВИЛ, изјави дека подготовката на методологијата за прочистување на судството и обвинителството е на самиот крај од подготовката и дека Советот за реформи во правосудството на 28 декември ќе ја усвои истата.
„Се наоѓаме на самиот крај на подготовката на стратегијата односно методологијата за прочистување на судството и обвинителството. Не случајно го спомнувам овој процес како еден од клучните за изградба и враќање на независноста и непристрасноста на правосудниот систем, што претставува основна претпоставка за владеењето на правото затоа што правдата значи заштита на човековите права. Потребно е да утврдиме временска рамка односно рокови во кои ќе се изврши ова прочистување и ќе се одвојат чесните од нечесните судии и обвинители. На 28 декември Советот за реформи во правосудството ќе ја усвои Методологијата по која ќе се изврши прочистувањето преку која Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како одговорни тела ќе направат прочистување во своите редови“, истакна Маричиќ.