Понатаму, тој објаснува дека значењето на Рамковниот договор оди чекор понатаму од неговото сегашно влијание – тој стана успешна приказна од која може да учи и регионот, но и еден од столбовите на стабилноста на Западен Балкан.
Маричиќ додава дека додека одбележуваме 22 години исто така треба да оддадеме признание за неговата значајна улога на патот на Северна Македонија кон полноправно членство во Европската Унија, бидејќи еден од основните постулати на кои почива ЕУ е целосно почитување на правата на малцинствата, како и врз основа на Конвенциите и меѓународните акти, кон кои веќе сме пристапиле.
Да го одржиме жив духот на охридскиот Рамковен Договор и заедно да продолжиме кон европската иднина, градејќи траен мир и држава во која ќе сакаат да останат младите, подвекува Вицепремиерот.
Нашата големина и богатство, истакнува Маричиќ, е токму во почитувањето и обединувањето на различностите.
Тогаш сме силни и обединети, отпорни на национализам и ретроградни политики. Од тука потекнува консензусот кој треба да го имаме за спроведувањето на процесите низ кои градиме извесна, стабилна и просперитетна иднина за сите кои живеат во нашата држава, вели Маричиќ.
Во својата Фејсбук објава, тој исто така посочува дека низ историјата сме докажале дека знаеме да носиме решенија за тешки државнички прашања, да преговараме и да се договараме, бидејќи како и тогаш пред 22 години, така и денес сакаме извесност, напредок, сакаме стабилност и економски развој.
М. Д.