Денеска во светот 17 мај се одбележува како меѓународен ден против хомофобија, трансфобија и бифобија. Ова одбележување има за цел да ја подигне свеста за прекршувањата на ЛГБТИ+ правата низ целиот свет.
Насилство, дискриминација и репресија се најчестите злодела кои се вршат врз припадниците на оваа заедница.
Северна Македонија годинава денот го одбележува без Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој пред неколку дена беше укинат од страна на Уставниот суд.
Во месец февруари Уставниот суд поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство.
Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија, односно со член 75 став 3 од Уставот, од причина што истиот, според Судот е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот.
Моментот во кој е укинат законот за спречување на дискриминација е многу неповолен вели министерката за правда Рената Десковска потенцирајќи ја важноста на законот но смета дека дискриминираните граѓани правата може да ги бараат врз основа на уставот и европската конвенција.
Уставниот суд го укина законот во време кога нема парламент и дури една година по поднесената иницијатива а претседателот на уставен Сали Мурати се правда тврди дека не можел да го чува предметот кој бил зрел за одлучување. Сепак потенцира дека тој гласал против.
Подносителот на иницијативата пред уставен екс претседателот на комисијата за дискриминација Даштевски пак смета дека треба да бидат вратен и на работа членовите на комисијата.
Од денот на второто изгласување и усвојување на Законот од страна на Собранието до укинувањето на истиот од страна на Уставниот суд, помина една година во која не беше формирана Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, иако Собранието имаше законска обврска да го избере составот на Комисијата и со тоа да овозможи спроведување на Законот и функционалност на клучниот орган за унапредување на еднаквоста на граѓаните.
Собранието покажа една крајна несериозност и незаинтересираност кога станува како за носењето на овој Закон, но и воопшто за неговото спроведување. Недостатокот на политичка волја за негово спроведување и избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека на властите не им се важни човековите права и еднаквоста на граѓаните, особено маргинализираните групи како Ромите, ЛГБТИ, луѓето со попреченост, жените, сиромашните граѓани и сите останати кои преживуваат на маргините.
За потсетување, меѓународната јавност и Европската Комисија во бројни наврати бараа донесување на Законот и воспоставување на ефикасен систем за заштита од дискриминација. Бројните уверувања и ветувања повторно резултираа со пораз на грбот на најранливите граѓани за кои овој Закон е суштествен. А носењето на овој Закон беше и еден од Условите кои Холандија и ги постави на нашата земја за добивање на датум за преговори.
М. Ивановска