Во владината програма Акција 21 – европски стандарди дома!”, на денешната прес конференција премиерот Зоран Заев најави акција против ширењето на дезинформациите и нападите врз демократијата.
-Најавувам засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.
Со овој план се изработи и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој доколку не постоеше во време на ковид кризата низ која поминуваме, ќе имавме големи тешкотии во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми.
Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата.
Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес. Владата има обврска да го штити јавниот интерес и во таа смисла ќе направиме се што е во наша надлежност населението да биде целосно, навремено и точно информирано за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација.
Кога станува збор за одбраната од сајбер нападите, сакам повторно да потенцирам дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.
На крајот, сакам да се заблагодарам и за соработката и поддршката која ни ја даваат сите наши стратешки партнери на оваа тема. Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет, и верувам дека рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно ќе возвратиме на оваа штетна појава.
Тука сакам да се осврнам и на еден важен сегмент од најавената и во јавноста актуелна реформа во образованието – Медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести, рече Заев.