Германскиот канцелар Фридрих Мерц имаше телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп за иницијативата Германија да купи американски системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ за Украина, потврди денеска портпарол на германската Влада.
Разговорот, инициран од Мерц, бил насочен кон поттикнување нови испораки на оружје за Украина, особено системите „Патриот“, откако Пентагон ја прекина испораката на одредени клучни оружја, објасни портпаролот.
Германија во моментов води интензивни разговори за набавка на дополнителни „Патриот“ системи за Украина, со цел да ѝ помогне да се одбрани од некои од најинтензивните руски напади од почетокот на војната во 2022 година.
САД неодамна ги прекинаа испораките на дел од вооружувањето за Украина поради намалени резерви во сопствените магацини.
Берлин досега испрати три „Патриот“ системи од своите сопствени резерви, а германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатиот месец започна иницијатива за обезбедување дополнителни системи за Украина.
– Проблемот е итен, а ситуацијата дополнително се влоши ноќта меѓу четврток и петок, рече портпаролот.
Канцеларот Мерц, според ДПА, изразил загриженост дека масовниот напад врз Украина се случи веднаш по вчерашниот разговор меѓу Путин и Трамп. Тој нагласил дека во повеќе наврати се покажала иста „шема на однесување“ кај рускиот претседател – дека секој телефонски повик со него често е проследен со ескалација на нападите.
Според украинските власти, Русија извршила над 500 напади со дронови и ракети врз Украина само во текот на еден ден.