Дијана Тахири
Неделава, односно деновите по првиот изборен круг на гласање за претседател на државата, некој се фати за метла, некој за кодот од Законикот на Лек Дукаѓини – Беса (заборавена и од Албанците), и вапцаше јајца, и, сите за гласовите од Река и Шарената Револуција.
Метлата му припадна на лидерот на СДСМ и премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев. Кандидатката Гордана Силјановска Давкова си ги присвојува гласовите што отидоа на контото на Река, а вчера на својот профил пријави дека вапцала јајца, и нѐ почести со фотографија од истите. Лидерот на СДСМ и премиерот Заев, откако во кампањата пред првиот круг им порача на гласачите дека секој глас за Река е „глас фрлен во кош“, сега истите ги бара за кандидатот Пендаровски. Од ДУИ велат дека тие си го завршиле својот дел од работата што се однесува до прибирање гласови за заедничкиот кандидат Пендаровски, но дека за вториот круг, ќе одат од врата на врата да бараат гласови. Блерим Река веќе не е кандидат, но неговата сенка во облик на гласови се надвива врз двата кандидати во кампањата за вториот круг од гласањето.
Од Шарената револуција, односно од нејзините борци, поддршка бараат и двата кандидати.
Активисти на Шарената револуција ги повикуваат на мегдан кандидатите за претседател на државата, да одговорат на прашања од граѓаните кои се идентификуваат со идеалите на Шарената. На овој повик прв одговори кандидатот Стево Пендаровски, на митингот во Велес.
„Има точно 3 години како почна Шарена револуција. Од Велес многу луѓе дојдоа. Изреволтирани од одлуката на Иванов да аболицира криминалци. Има иницијатива од Шарената револуција двајцата кандидати да се соочиме со лидерите на Шарената револуција и да одговориме на сите нивни прашања, како оваа држава да биде уредена според урнекот Нема правда нема мир. Ја прифаќам поканата и подготвен сум да одговарам на сите нивни прашања и забелешки“ – одговори на повикот, кандидатот за претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, но, со една грешка на почетокот на својот одговор – „Го прифаќам предлогот за соочување со лидерите на Шарената револуција, ќе одговорам на сите нивни прашања!“, со што предизвика бројни реакции од граѓаните што беа дел од Шарената револуција, со укажување дека Шарената немаше лидери.
Пендаровски на митингот во Велес ја потсети јавноста дека Силјановска беше дел од режимот против кој се крена Шарената.
Кандидатката Силјановска-Давкова синоќа присуствуваше на ракометарскиот натпревар помеѓу Вардар и Пик Сегед, кадешто победи Вардар, и уживаше во интерпретацијата „Next Time“ на песната „Ја излези Ѓурѓо“. Според нејзината реакција, се гледа дека настанот го доживеала прилично емотивно.
Силјановска-Давкова ги покани граѓаните на средба во Јавна соба, да ѝ поставуваат прашања и заедно да дискутираат за иднината на земјата и зошто треба да го дадат својот глас за неа.
За претстојните празници, кандидатите најавија дека нема да имаат активности од типот на поголеми собири, туку дека ќе имаат тивки средби со граѓаните, во духот на празниците.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.