Во вечерашното гостување во отворено студио на ТВ24, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека првиот момент кога „ќе ја ставиме под контрола епидемија, ќе бидеме подготвени за избори“.
„Ако теоретски ме прашувате, согледувајќи ги оценките на ДИК дека им требаат 50-60 дена за организирање на изборите, и ако епидемијата се смири, тогаш би можеле да одиме на гласање во првата половина на јули“, изјави Мицкоски.
„Она што мене ме загрижува е што ние сме сега во пандемија која на дневна основа брои заразени и го губат животот. Ако направите анкета да ги прашате граѓаните дали сакаат избори ли понатаму, најголем дел ќе речат понатаму. Повеќе од 70% не се за избори сега. На тој ден ќе имаме луѓе со маски и ракавици, ќе имаме Фејсбук и Твитер кампања. Граѓаните гласаат за програма, а како ќе претставиме програма правена порано пред ова? Сега се смени сè, ќе ни треба нова програма, нови капитални инцвестиции да претставиме“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО -ДПМНЕ е уверен дека кога и да се случат изборите, неговата партија убедливо ќе ја победи СДСМ.
„Немам дилема дека кога и да се случат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ. Ќе го победи убедливо, и тука немам никаква дилема ниту како човек, ниту како лидер. Убедливо, најмалку со двоцифрен број разлика на пратеници ќе биде“, заклучи Мицкоски.
Во отвореното студио на 24 ТВ вечерва гостуваше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој ја образложи идејата за одржување предвремени парламентарни избори во јуни, за, како што изјави, да се фати моментот пред евентуалниот пик со Ковид -19 на есен.
Заев рече дека дефинитивно треба да се фати моментот кога ќе биде дефиниран датумот за избори. Ќе почекаат Уставниот суд утре да ја соопшти одлуката. Тој смета дека е доцна во јули да се оди на избори, затоа што пред се треба да се гледа здравствената состојба, но и економијата. Затоа треба побрзо да се оди на избори, потенцираше тој.
„Како одговорни политичари, треба да заземеме јасни и прецизни ставови . Ние сакаме избори порано, бидејќи никој не знае кога ќе има наредни бранови со корона вирусот. Дај боже да нема, ама, што ако има криза од септември натаму? Тогаш влегуваме во комплетно вонредна состојба. Затоа нашиот став е избори да има во најбрзиот можен период и во олабавена состојба околу епидемијата. Кај нас има плус две причини за изборите – ние сме без парламент и немаме политичка влада во моментов“, рече Заев .
„ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат поразени на избори кога и да се случат, затоа што владата има сериозни успеси. Ги решивме сите прашања, на опозицијата „им се тресеа коските“ од НАТО. Без разлика дали избори ќе има септември, ноември, тие ќе изгубат. Но, 2020 ќе има избори и ќе изгубат и затоа е подобро да одиме порано и да ја завршиме оваа работа“, изјави Заев.
Заев го искоментира и тврдењето на Мицкоски дека кога и да се случат избори, ќе ги победат СДСМ со двоцифрена разлика.
„Нели Мицкоски вели дека водат? Зошто тогаш бегаат од избори? Анкетите покажаа дека пред кризата водевме со три проценти, сега нашиот рејтинг е пораснат, и тоа им е јасно“, заклучи тој.