Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се придружи на протестот на „Македонија блокира“ и „Тврдокорни“ пред Собранието на Република Македонија.
Еден од учесниците на протестот неколку пати нервозно го повика Мицкоски да излезе на „импровизираната народна бина“ и да говори, да не се дели народот, но тој ги игнорираше повиците.
„Да не се срамите од оваа импровизирана бина, може да дојдете тука да дадете изјава“, го повикуваа присутните Мицкоски да излезе и да даде изјава, но тој не ја прифати поканата и остана до оградата, блиску до кордонот на полицијата.
Обезбедувањето на Христијан Мицкоски им рече на граѓаните дека не е безбедно за претседателот да излезе на бината и да зборува.
„Ако не е безбедна оваа бина и овој протест, зошто тогаш дошол тука?“- реагираше еден од учесниците на протестот.
Претходно, Христијан Мицкоски даде изјава за медиумите, зад Собранието, каде изјави дека до промената на Уставот се доаѓа не по демократски пат, туку по пат на насилство и уцени и закани кон пратениците.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија нема да учествува во тој процес и на денешната седница, како политичка партија, нема да дадеме легитимитет за промена на Уставот, затоа што таквите промени немаат легитимитет од граѓаните“, изјави Мицкоски.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, денес на прес-конференција изјави дека е убеден дека протестите се во спрега со антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и некои внатрешни или надворешни сили кои очајно сакаат да ја спречат интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.
Протестот започна во 12 часот пред Собранието, а седницата е одложена за 16 часот.
Текст и фотографија: Ангела Петровска