Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска информира дека одржал партиски останок на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии.
-Претпладнево одржав состанок на кој ги поставивме контурите на рамката врз која ќе го градиме коалицискиот потенцијал со останатите партии и каде фокусот ќе бидат луѓето на прво место: економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.
Тој додава дека очекувањата се големи, и оти поради тоа одговорноста кон народот е уште поголема.
Состанокот следува по вчера одржаните Парламентарни избори на кои според првичните резултати на ДИК Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено – 58 мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ – 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 106.991 – 13 мандати, Левица – 6 пратеници, а исто толку има и Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.
Во исто време вчера се одржаа и Претседателските избори на кои победи универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова, која ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
Сиљановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот вторт круг од Претседателските избори, го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски. Според првичните резултати на ДИК, Сиљановска-Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).
фото: принтскрин
видео ВМРО-ДПМНЕ