Портпаролка на СДСМ, Богданка Кузеска на прес конференција побара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот што власта се обиде да го претстави како наводна афера за прислушкување.
Oсобено по контрадикторните изјави на Мицкоски и Христовски. Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго: дека станува збор за „прибирање информации за таргетирани лица“. Кој овде лаже?, прашува Кузевска и додава: Затоа е неопходно веднаш да се декласифицираат сите документи и јавноста да ја дознае вистината.
Според Кузевска, не може вака да се нафрлаат само изјави во јавноста без докази да им се приложат на граѓаните. Овој случај мора да биде целосно достапен на јавноста за да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните служби.
Доколку АНБ тоа не го направи, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злупотреба, вели Кузевска, исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со некакви дронови, со обиди за поткуп од странски компании на премиерот и низа други измислени приказни кои завршија без никакви докази и без разрешница.
Портпаролката на СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели.
Според неа, тоа е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, кои имаат само една цел, да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Од катастрофалните економски политики на власта, од ниските плати кои не растат, од неисполнетите ветувања, од скандалите кои секој ден ја тресат владата, растечко незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски, вели Кузевска.
Но, граѓаните веќе не им веруваат на овие лажни афери и празни приказни, додава таа. Само итната декласификација на целокупната документацијата за случајот со АНБ ќе покаже дали се работи за реален безбедносен проблем или за уште една евтина манипулација на власта во обид да се покријат сопствените неуспеси.
М. Д.