Фондацијата Kvinna till Kvinna и Организација на Жени “Кумановка” ќе промовираат Младинската повелба за мир (Peace Charter) на 30 јули, понеделник, со почеток во 11:00 часот во Голема Сала (Поранешен Комитет), Општина Куманово.
Младинската Повелба за Мир е документ кој обезбедува препораки за надминување на меѓуетничките конфликти и зајакнување на соработката и дијалогот помеѓу заедниците. Како што се вели во најавата на настанот, таа ги содржи ставовите и барањата на стотина млади лица од различна етничка припадност од општините Куманово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Липково и Кратово, кои преку низа настани имаа можност меѓусебно да се запознаат, да проговорат за своите проблеми, да предложат и побараат решенија за надминување на истите, како и да преземат заеднички акции во насока на подобрување на интеракцијата и соработката помеѓу младите.
Повелбата за мир ги содржи и нивните ставови и барања кои се однесуваат на мултиетничката интеграција и социјализација, образованието, како и на борбата за еднаквост, а против дискриминацијата, стереотипите и насилството.
Поздравно обраќање ќе има Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка на ЕУ . Билјана Бејкова и претставници на младите учесници во проектот.
Повелбата за Мир ќе биде промовирана во рамки на завршниот настан организиран за презентација на резултатите од реализација на проектот “Зајакнување на соработката и дијалогот помеѓу заедниците преку Охридскиот Рамковен Договор (ОРД)” кој е финансиран од Европската Унија, претставена преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а е ко-финансиран од страна на Шведската Агенција за Меѓународен Развој и Соработка, Сида.
Б.Ј.