Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп, неодамна ги реализираше третиот и четвртиот од вкупно четири планирани тренинзи за млади. Темата на овие обуки гласи „Како да го креирате вашето политичко мислење“ и има за цел да им помогне на младите при формирањето на политички ставови околу тоа дали и како правилно да го искористат своето право на глас.
На обуките учествуваат претставници на граѓански организации и млади од десет различни општини од земјата.
„Овие обуки се дел од проектот ‘Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативната демократија на ниво на заедницата’ финансиран од ifa/Zivik програмата која е поддржана од федералната канцеларија за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На обуките со учесниците зборуваме за граѓанското учество во донесувањето на одлуки, коешто е всушност и идејата на проектот. Обуките се наменети за млади лица од 17 до 27 години, затоа што сметаме дека токму младите се тие кои треба да се залагаат за остварувањето на гласачкото право, за учество во донесувањето одлуки, понатаму да научат како да воспостават успешна комуникација и да донесат точна проценка“, вели Андреј Гудески од Центарот за граѓанска иницијатива.
За учеството на младите во донесувањето на одлуки и начинот на кој тие донесуваат политички одлуки зборувавме и со дел од учесниците на обуките.
„Јас земав учество во оваа програма затоа што сакам да ги поттикнам младите пред се да одлучуваат повеќе за некои локални прашања во општините и се надевам дека ќе имам можност да научам нешто ново на оваа обука“, рече Семир Сакиповски, учесник од Куманово.
За тоа како младите можат да се вклучат во донесувањето на одлуки на локално ниво зборувавме со учесничката Јасмина Димоска од Крушево.
„Младите на многу начини можат да се вклучат во донесувањето на одлуките на локално ниво. Еден од начините е спроведување на обуки, како оваа денеска. Понатаму младите можат да се вклучат и со поттик од страна на основните и средните училишта, но и секако како главен фактор би ги споменала и државните институции во нашата земја“, вели таа.
Учесниците се сложни дека младите мора да се поттикнат да го остваруваат своето право на глас, но и да научат правилно и самостојно да ги донесуваат одлуките.
„Многу е важно младите да имаат право на глас, но и да го искористат тоа право. Мора да носат сопствени и самостојни одлуки затоа што тоа е најдобро за нив“, смета Гентјан Глобочишта, учесник од Дебар.
„Јас мислам дека младите сакаат и имаат желба да се вклучат во донесувањето на одлуки во своите општини, имаат премногу креативни идеи, но сепак некој треба да им даде насока и да им укаже дека тие се важен и клучен фактор во нашето општество“, вели Василка Грозданоска од Крушево.
камера: Дехран Муратов
монтажа: Маја Ивановска