Министерството за надворешни работи на Украина ги демантира манипулативните изјави изразени од страна на голем број странски медиуми за наводна подготвеност на Украина да направи отстапки кон агресорот на сметка на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Ја нагласуваме неприфатливоста на ваквите отстапки.
Ваквите изјави агресорот ги доживува само како знак на слабост, давајќи му неоправдани надежи за успех на неговата агресија и ефикасност на неговите ултиматуми и уценување.
Единствениот реален начин да се врати сеопфатен, праведен и траен мир за Украина беше и останува Формулата за мир, која се заснова на почитување на Повелбата на ОН и императивот за целосно враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници.
По успешниот Прв глобален мировен самит во Швајцарија, каде се собраа над стотина учесници околу почитувањето на меѓународното право, подготовките за Вториот самит за мир се во тек. Веќе се одржаа тематски состаноци за точките од Формулата за мир за енергетска и безбедност на храната, како и за враќање на правдата. Планирани се и настани за други точки од оваа иницијатива во блиска иднина.
Моментално, сите конструктивни напори за мир се насочени кон ефикасно спроведување на Формулата за мир. Треба да се нагласи дека Планот за победа претставен од претседателот Володомир Зеленски пред украинските партнери не претставува замена за Формулата, туку практична алатка за нејзино спроведување.
Принципот „Нема договори за Украина без Украина“ и императивот за почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН остануваат обврзувачки и непроменети за сите. Украина нема да прифати никакви иницијативи кои ги нарушуваат истите.
Ниту една друга земја во светот не бара мир повеќе од Украина. Во исто време, нашата цел не е фиктивен мир, туку сеопфатен, праведен и траен мир што ќе гарантира безбедност за нашиот народ, ќе осигура одговорност за руските злосторства и ќе оневозожи повторување на агресијата. Убедени сме дека оваа цел, исто така, ги задоволува интересите на сите мирољубиви земји и нивните народи.
Украина и украинската нација со сопствениот хероизам постојано докажуваат дека скептичните наслови на странските медиуми се погрешни.
Доволно би било да се потсетиме дека во пресрет на незаконската, неиспровоцирана и неоправдана целосна воена инвазија на Русија во февруари 2022 година, скептиците и наводните реалисти предвидуваа дека Украина ќе умре за неколку дена. Спротивно на тоа, нашата држава преживеа, нашиот народ се спротивставува на целосната агресија речиси илјада дена, а нашите Одбранбени сили ја вратија контролата над повеќе од половина од териториите привремено окупирани од Руската Федерација од 24 февруари 2022 година.
Ова е лекција за сите: потребна ни е храброст и решителност во спроведувањето на Формулата за мир, не сурогатски, слаби и наивни решенија под превезот на „реализам“ што само ќе му дадат на агресорот можност да подготви нов напад против нашата земја и остатокот од слободниот свет.
Ги повикуваме сите држави и меѓународни организации, сите лидери, политичари и јавни личности кои ја почитуваат Повелбата на ОН, меѓународното право и вредноста на човечкиот живот, да ги обединат напорите за враќање на вистински траен и праведен мир, наместо да ги хранат илузиите и апетитите на агресорот.
Превод: Наташа Цветковска