„МВР уапси дилер со 0,50 грама марихуана“, „МВР му пиша казна на дедо што продавал марули/коприви“, „Специјалци симнаа бездомник од автобус“, „Полицајка сама се истепала со ‘пајакот’ додека сакала да му ја собере непрописно паркираната кола на функционерот на ДУИ, Бекир Асани“… се дел од насловите поврзани со полицијата.
Министерот Оливер Спасовски ги повика граѓан(к)ите ако имаат снимка од инцидентот помеѓу полицајката и Асани да ја достават до МВР, притоа додаде дека прибавените снимки од безбедносните камери се обработуваат во одделот за Внатрешна контрола.
Меѓутоа, кој ќе се осуди да достави снимка до МВР ако знае дека постои можност да му дојдат дома неколку „пајаци“ и при вербална комуникација да го натераат сам да се истепа. Или во краен случај, може и да добие казна за неовластено снимање и фотографирање на службено лице. МВР и сè е можно!
Полицијата не ги пронајде лицата кои на паркингот во ГТЦ на автомобилите оставаа налепници со порака „Не купувајте од шиптариште – Ќосето“. Од МВР велат дека кај нив не е пријавен таков случај, иако тие имаат обврска по допрен глас да реагираат на ширење на говор на омраза.
По неколку дена МВР успеа да приведе две малолетни лица кои сред бел ден во центарот на Скопје прободиле 16 годишно момче, но сè уште не знаеме што ќе сторат за да спречат вакви инциденти и во иднина. Исто така сè уште не е откриен убиецот на Мартин Јанушев, одговорните за убиствата во Чаир, убиецот на Дилавер Бојку Леку, запалените автомобили на десетици граѓани…
Дехран Муратов