Прифатниот центар за странци е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од земјата.
Моментално во Прифатниот центар се наоѓаат 11 лица, од кои девет мажи и две жени (Гамбија -3, Косово -3, Пакистан -2, Сенегал -1, Турција -1, Португалија -1). Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл.
Од МВР за МИА соопштија дека Прифатниот центар за странци нема никаква врска со мигрантите.
-Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат врска со мигрантите, како што одредени медиуми повремено ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести. За таа намена во државата функционираат два транзитните центри во Гевгелија и Табановце, кои се од исклучиво транзитен карактер и кои немаат никаква допирна точки со Центарот за странци, нагласуваат од МВР.
Прифатниот центар во Гази Баба функционира непрекинато веќе 20 години, а согласно Законот за странци од март 2006 година центарот станува Прифатен центар за странци и од тогаш сѐ уште функционира во истата форма и служи за истата намена.
Според МВР, Центарот во Гази Баба иако е сместен на локација на густо населено место, од неговото отворање, па до денес не е регистриран случај каде локалното население било загрозено од страна на привремено задржаните лица за време на нивниот престој во Центарот, не се регистрирани никакви нарушувања на јавен ред и мир од лицата кои биле времено сместени во него, ниту пак се пријавени евентуални штети по локалното население.












