Министерството за внатрешни работи се уште не ги пронајде напаѓачите кои вчера попладнето на „Рекорд“, со нож прободиле едно 16 годишно момче, член на навивачка група „Комити Запад“. Тој беше однесен на операција.
„Чашата ја прелеа инцидент на Рекорд, кадешто беше брутално нападнат наш помлад член којшто се враќал од училиште. Нападнатиот од неколкумина припадници на Шверцери се здобил со 3 убода од нож и се’ уште е во критична состојба, а ние се молиме за негово здравје! Со оглед на тоа што се’ помалку сме во можност да ги заштитиме нашите најмлади членови од кукавичките напади и со оглед на тоа што ќе мораме да се прилагодиме на правилата на племето, ние решивме да прекинеме со однесувањето по навивачкиот кодекс во однос на не-навивачките групи и да се однесуваме по нивниот тертиф, по системот „Око за око, заб за заб“, соопштија Комитите.
Од таму велат дека ваквите настани се секојдневни и се’ повеќе земаат замав и се косат против сите навивачки кодекси и правила.
„Со цел да избегнеме нови жртви и со цел да го избегнеме плачот на нашите мајки за нашите страдања од кукавичките напади со оружје, должни сме да го подготвиме и повикаме членството на самоодбрана со сите средства. Свесни сме дека пред законот не сме исти и дека еден аршин е за нив а друг за нас, но кога ќе дојде ножот до коска, болката не одбира начин за одбрана. Групата е должна да го поддржи и заштити секој нејзин член, кој во самоодбрана го повредил или загрозил животот на напаѓачот“, истакуваат Комитите.
Тие обвинуваат дека МВР не презема ништо да ги спречи овие напади и да ги приведе сторителите.
„Само „се трага по сторителите“ и толку? Како може секогаш да се трага по сторителите кога се работи за вакви случаи кога Македонци се напаѓани, но кога е обратна ситуација, експресно да се наоѓаат сторителите (некогаш и невини се осудувани, без разлика на фактот што не учествувале, но само колку да има некој осуден и тоа да се претстави на јавноста)?“, додаваат од таму.
Дали надлежните органи ќе дозволат младите правдата да ја земат во свои раце, или ќе преземат вистински мерки и ќе спречат ескалација на немилиот настан!?
Дехран Муратов